Конституирање на совет

Првата седница на советот ќе ја свика претседателот на советот од претходниот состав, во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите. Доколку претседателот од претходниот состав не го направи тоа, тогаш самите советници во рок од 10 дена, по истекот на претходниот рок, се свикуваат и под претседателство на најстариот член на советот ќе го конституираат советот.

На првата конститутивна седница се потврдува мандатот на изборот на членовите на советот. Потребно е да се избере претседател на советот. Избраниот претседател ќе ги свикува седниците на советот и ќе ги раководи. Претседателот ќе ги потпише сите акти што ги донел советот и ќе ги достави до градоначалникот заради објавување во службениот весник и нивно натамошно извршување.

За да може советот да работи, потребно е на седницата да присуствуваат мнозинството членови од вкупниот број на советот. Така, ако советот брои 15 члена, за да може да работи, потребно е на самата седница да бидат присутни осум члена.

Одлуките што ги донесува советот се донесуваат со гласање, кое, по правило, е јавно.

Одлуката ќе се смета за донесена доколку за неа гласале повеќе од половината од присутните членови. Меѓутоа, во статутот на општината може да се предвиди дека за донесување одредени прописи е потребно поинакво мнозинство гласови.